Sunday, September 21, 2014

Државата на Франките

Франките биле дел од германските племиња кои живееле  на територијата меѓу реките Рајна и Шелда. За време на Големата преселба на народите во втората половина на IV  век, Франките почнале помасовно  да ја преминуваат реката рајна и да ги напаѓаат и освојуваат  римските владенија  во провинцијата Галија.
 
До крајот на V век франкскиот водач Клодовик, целосно  ја освоил Северна Галија. Тој ги обединил сите франкски племиња  во единствена држава и ја уредил како кралство. Во зацврстувањето на својата власт, значајно место и  дал на христијанската религија. Тој наредил да се покрстат сите негови поданици од Римската црква, и самиот примајки го христијанството. За сето тоа црквата ја удостоил со  големи имоти и привилегии. Клодовик успеал да ги победи Визиготите(Западните Готи) и да ја прошири државата  и во Јужна Галија. На тој начин тој  го претворил Франското кралство  во најмоќна западноевропска држава.
Франската држава својата најголема слава ја достигнала за време  на владеењето на  Карло Велики (768-814). Тој  војувал против германските и словенските племиња. Ја проширил државата кон Италија, Германија и Шпанија. Така биле создадени услови државата да прерасне во царство. Во 800 година  во црквата св.Петар во Рим, папата го крунисал Карло Велики за цар (а неговата држава  била наречена Света Римска Империја). Оттогаш  Карло Велики  почнал да се смета себеси за  наследник на римските императори. По смртта на Карло Велики дошло до слабеење и распаѓање на  државата. Од неа се создале новите европски држави: Франција, Германија и Италија.
Улогата на Христијанската црква. Во втората  половина на VIII век на запад дошло до влијанието на Римската  црква. Тогаш во средна Италија  била создадена  Папската држава. Меѓу црквата и државата на Франките  постоел таен сојуз и соработка. Црквата влијаела врз целокупниот живот на луѓето.
Меѓу Источната и Западната црква  постоело големо соперништво. Во 1054 година дошло до конечна поделба на  Западна и Источна црква. Источната црква почнала да се нарекува православна,  а верниците православни, Западната црква -католичка, а верниците католици.
Културата во државата на Франките
За време на преселбите на народите, културниот живот сосема замрел. Во време на владеењето на Карло Велики се обновил културниот живот во државата. Карло Велики иако бил неписмен, настојувал чиновниците и феудалците  што го опкружувале да се здобијат со образование. затоа на својот двор  повикал учени луѓе и  основал „дворска академија„ . 
На дворската академија се читале и објаснувале дела  од античките писатели, се учел латинскиот јазик и сл. Овде Карло Велики научил да смета, учел да чита и настојувал  добро да научи да пишува. Сето тоа  тешко му одело бидејќи бил во години.
Во манастирите се отвориле голем број на  црковни училишта. Во времето на Карло Велики била развиена и архитектурата. Тој градел цркви и дворци, украсени со  фрески и скулптури. До денес е зачувана катедралата во Ахен-престолнината на Карло Велики.

Запомни! Државата на Франките  била создадена  во крајот на V век, на територијата на Галија, Северна Франција, од кралот Клодовик. Најголема моќ  таа достигнала за време на Карло Велики, кој во 800 година бил прогласен за цар(император) од римскиот папа и државата била наречена Света Римска Имерија.



No comments:

Post a Comment