Monday, October 27, 2014

СОЗДАВЊЕ НА БУГАРСКАТА ДРЖАВА

ДОАЃАЊЕТО НА БУГАРИТЕ И СОЗДАВЊЕТО НА ДРЖАВАТА
Во периодот од крајот на VI до средината на VII век и територијата меѓу реката Дунав и Стара Планина била населена од Словените. На оваа територија, која подоцна станала средиште на бугарската држава, се населиле повеќе словенски племиња. Од нив познати се Северјаните и група обединети племиња во сојуз познат како Сојуз на седумте племиња. Староседелците Тракијци, постепено биле претопени од побројното словенско население.
Од втората половина на VII век се засилил процесот на обединување на словенските племиња во единствена држава. Но овој процес  на обединување на словенските племиња, бил прекинат со доаѓањето на Бугарите (кои дошле од северното крајбрежје на Црно море).
Опасноста од Византија  го натерала „Сојузот на седумте племиња„ заеднички да војуваат со Бугарите. Како резултат на тоа дошло до потесно зближување на Словените и Бугарите, и создавање на словенско-бугарска држава. Во 681 година  Византија ја признала словенско-бугарската држава, а на нејзино чело застанал  ханот Аспарух.
Градот Плиска станал престолнина на Бугарија. Словенските племиња го сочинувале мнозинството од  населението, а Бугарите биле малцинство. Бугарите постепено се слеале со словенското население, а го  наметнале своето име, и државата била наречена Бугарија.
ПРОШИРУВАЊЕТО НА БУГАРСКАТА ДРЖАВА
Од почетокот словенско-бугарската држава главно водела одбрамбени војни со Византија. Со доаѓањето на престолот на ханот Крум, Бугарија почнала да ги шири границите. Тој ги поразил Византиците  и ја освоил Софија. Границите на Бугарија ги проширил во Тракија до Стра планина. За време на владеењето на кнезот Борис  Бугарската држава се проширила на поголемиот дел од Македонија, Србија и Јужна Албанија. За време владеењето на кнезот Симеон, Бугарите воделе војна со Унгарците, Србите и Византија. Тој ги проширил границите на својата држава за сметка на Византија. По големите територијални придобивки Симеон се прогласил за цар во 913 година. Неговиот син Петар кој го наследил на престолот во 927 година, склучил договор за мир со Византија и ја принудил да му плаќа данок. Петар бил признат за цар  од византискиот император, со што Византија и официјално го признала Првото Бугарско Царство со престолнина во Преслав. По неговата смрт Борис II бил немоќен да ја зачува државата. Бугарија била нападната од Русите, а Византискиот цар ги протерал русите и го заробил  царот Борис II. Со тоа пропаднало Бугарското Царство.


ЗАДАЧА!
1. Кои словенски племиња се населиле  на територијата  на денешна Бугарија кон крајот на VI и почетокот на  VII век?
2.Кое староседелско насаеление го затекнале Словените на просторот меѓу Дунав и Стара Планина?
3. Во втората половина на VII век Словените во Бугарија биле нападнати од Бугарите. Опиши го нивното потекло.  
4. Зошто Бугарите го примиле христијанството?

Friday, October 17, 2014

СТАРАТА ЕГИПЕТСКА ДРЖАВА

                                                             ПРИРОДНИ УСЛОВИ И НАСЕЛЕНИЕ


Во средниот и во долниот тек на реката Нил многу рано се појавиле првите заедници на луѓето. Областа околу реката Нил е пустинска, но долината на реката е многу плодна. Оваа река играла голема улога во животот на Египјаните. Поради тоа, луѓето ја сметале реката Нил за извор на животот во Египет и ја почитувале како божество. Населението претежно се занимавало со земјоделство и сточарство, но биле развиени и други занимања.



ИРИГАЦИОНИ СИСТЕМИ 
(системи за одводнува и наводнување)
 Нил  често се излевал и ги поплавувал посевите. за да се одбранат од надојдените води старите Египјани граделе брани насипи и канали за одводнување. Меѓутоа по поплавите настапувал период на  долготрајна суша, тогаш земјата пукала а посевите се сушеле. За да ги сочуваат посевите, Египјаните граделе канали за наводнување и вештачки акумулации. Еден човек неможел тоа да го изгради. затоа тие се здружувале и заеднички работеле на одржувањето на системите за наводнување. Само така можеле да опстанат во борбата со полавите и сушите, и на тој начин тие обезбедувале  две до три жетви  во годината. На иригационите системи најмногу работеле робовите и селаните.

ДА ПОВТОРИМЕ...
• Зошто Египјаните го  сметале Нил за божество?
• Каков бил системот за наводнување во Египет? За што служел?

ЗАНАЕТЧИСТВО И ТРГОВИЈА
Во Египет се развиле бројни занаети. Најважни биле градежништвото, грнчарството, бродоградбата, ткаењето платно, правењето музички инструменти, правењето папирус – материјал на кој пишувале, правењето накит и украсни предмети од злато, сребро и други метали.
Египјаните граделе величествени гробници
за владетелите, наречени пирамиди. Со својата големина и изглед, пирамидите ги восхитувале луѓето во минатото, а ги восхитуваат и денес.
Занаетчиските производи ги користеле самите Египјани и ги разменувале меѓу себе. Но, еден дел од нив се разменувал за руда и за други производи со соседните и со подалечните народи. Така се развила трговијата со другите народи.
Египет бил голем производител на жито. Тој извезувал жито и го разменувал, најмногу за метали. Реката Нил била пловна река и имала голема улога во трговијата на Египет.

ОСНОВНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ОПШТЕСТВОТО И ДРЖАВАТА
На чело на египетската држава стоел владетел наречен фараон. Тој бил почитуван како бог, син на врховниот египетски бог Амон Ра. Фараонот бил сопственик на целата земја.
Населението на Египет се делело на повеќе слоеви. Најбогатиот слој на
населението го сочинувале најблиските роднини и соработници на владетелот, војсководците, богатите службеници и свештениците. Тие живееле во убави и големи куќи – палати и дворци, а свештениците во храмови. Побогатите луѓе имале изобилство од храна, биле раскошно
облечени, носеле убави и скапоцени накити.
Во градовите живееле и други слободни луѓе: трговци и занаетчии. Селаните биле најброен слој од населението во Египет. Тие работеле на своите имоти, но и на имотите на побогатите Египјани.
Најтешка била положбата на робовите.
Тие работеле во куќите на нивните господари, на градилиштата, во рудниците, како веслачи на
бродовите и на други места. Во Египет многу била почитувана жената – домаќинка во семејството. Египјаните себеси се именувале по мајката, а не по таткото. Жената во Египет можела да стане владетелка на државата. Египетската држава била формирана околу 3200 години пред н.е. Тогаш две помали држави: Долен и Горен Египет се обединиле во една голема држава.
Круната на фараонот била составена од два дела, во две бои: бела и црвена. Тоа го симболизирало обединувањето на двете држави во една. Според старите преданија, фараонот што го обединил Египет се викал Менес. Фараонот имал најголема поддршка од свештениците и од војската. Се верувало дека фараонот, по неговата смрт, ќе продолжи да живее во задгробниот свет. Затоа во неговата гробница се ставале најразлични предмети, покуќнина и храна, а на внатрешните ѕидови се цртале слики на кои биле претставени сцени од животот на фараонот.
Египјаните верувале дека сето тоа ќе му служи на владетелот во задгробниот живот. Многу често, на овие слики фараоните и нивните жени биле претставувани заедно со некој бог или божица.
Со извесни прекини, египетската држава опстојувала се до 31 година пред н.е., кога потпаднала под римска власт.

ДА ПОВТОРИМЕ...
• Какви биле природните услови во Египет?
• Кои занаети биле развиени во Египет? Имало ли трговија?
• Какво било општественото уредување на Египет?
• Зошто фараонот го крунисувале со две круни?
• Под чија власт потпаднала  египетската држава?


,